

Солунскиот интернационален аеродром, Македонија, се наоѓа на околу 15 км југоисточно од центарот на Солун, во близина на предградието Термаикос во општината Каламариа. Опфаќајќи 21 илјада квадаратен метар, Македонија е најголемиот оперативен аеродром кој го поседува државата. Отворен во 1930 година, тој е третиот најпрометен аеродром во Грција кој опслужува скоро 4 милиони патници годишно.
Услугите коишто ги нуди овој аеродром се можност за оставање багаж 24 часа, паркинг место кое е исто така достапно 24 часа, како и олеснувања за лицата со посебни потреби (тоалети, телефони, рампи и слично).
На аеродромот има голем број на такси возачи кои чекаат да ве "грабнат". Превозот до градот трае 30 - тина минути, а просечната цена е 10 евра (600 денари).
Ако, пак, сакате поевтина варијанта тогаш треба да го почекате автобусот со број 78, кој ќе ве чини помалку од едно евро (помалку од 60 денари) и ќе ве однесе до градот за нешто помалку од еден час. Распоредот на автобусите варира, но генерално ги има на еден час, а некогаш дури и почесто.
Автобускиот превоз од Скопје до Солун се одвива во понеделник, среда и петок во 6 часот наутро; билетот во еден правец е 1280 денари, а повратен чини 1650 денари. Местото од коешто се тргнува кон Солун е судот.
Такси превозот за еднодневно патување со минибус, кој го органзираат повеќе туристички агенции, чини 25 евра (1500 денари). Најголем проблем кај овие таксисти е тоа што не се редовни, односно возат најчесто за време на викендите (петок и сабота). Доколку сакате да патувате од недела до четврток ќе мора да ве послужи среќа во истиот дена да се оформи група од 4 - 5 патници за агенцијата да ве достави на местото. Ако најдете некој да ве однесе со автомобил трошоците се околу 50 евра (3000 денари). Покрај овие начини на транспорт има и личен такси превоз, кој можете да го резервирате преку телефон, а ќе ве чини од 90 - 100 евра (5400 - 6000 денари).
Времетраењето за патување со воз е 6 часа, но доколку не се чека на границите по 45 минути превозот би бил далеку побрз. Возот од Скопје тргнува во 7 часот и 20 минути и во 17 часот и 15 минути. Овој распоред важи во текот на летната сезона, односно додека не стапи зимскиот возен ред. Внимавајте, поради тоа што возот пристигнува од Белград, а продолжува за Солун, редовно доцни. За да не чекате на станицата, ви препорачуваме претходно да го проверите времето на стигнување, односно тргнување на возот. Цената на овој превоз е 1500 денари со повратна карта, односно 750 денари во еден правец.
Доколку сте во Солун, а сакате да дојдете во Македонија на располагање ви стојат следните начини. Да фатите автобус од Солун кој тргнува во 17 часот и 30 минути по грчко време, односно во 16 часот и 30 минути по македонско време.
До Скопје со воз можете да стигнете со оној кој оди за Белград. Времето на тргнување на овој воз е во 9 часот и 44 минути и во 17 часот по грчко време. Цената на превозот е 14,5 евра (870 денари). Погрижете се да дојдете на време, бидејќи возот не доцни.
Исто така, можете претходно да се договорите со вашиот личен такси превоз, кој ќе ве чека на договореното место. Професионалните фирми во Македонија нема да ја изневерат вашата доверба доколку претходно добро се договорите.
Во понеделник, среда и петок можете да фатите автобус кој ќе ве донесе до Скопје.