Аранжмани  
 

Најнови понуди

Закинтос - Идиличен остров на желки и забава

Во Грција буквално има за секого по нешто, па може да си одберете местенце според вашиот буџет, вид на сместување и желба за забава.

Закинтос, нарекуван и само Занте, привлекува илјадници туристи годишно кои доаѓаат поради прекрасните песочни плажи, кристално бистрата вода, но и поради бурниот ноќен живот.

На овој остров на контрасти ќе пронајдете борови шуми; во северниот, јужниот и источниот дел ќе видите примамливи чисти песочни плажи и плажички, додека во западниот дел ќе зачекорите на величествен камен предел полн со морски пештери.

Временска зона: GMT + 2 часа
Валута: Евро
Површина: 410 km²
Клима: Благата медитеранска клима со обилни дождови во зимскиот и блескаво сонце во летниот период, кои овозможуваат бујна вегетација, што на Закинтос му ги донесе прекарите Fior di Levante (Цвет на истокот) и Iliessa (шумски).

Транспорт: Неговата местоположба овозможува добри контакти со околните острови, како и со грчкото копно.

Совет: Големата морска желка наречена Caretta - Caretta е загрозен вид што може да се најде само во Средоземното Море. Овие желки достигнуваат големина од над еден метар и тежина од стотина килограми. Во јунските и августовски ноќи женките бараат суви места на песочните плажи каде би ги извеле своите јајца во дупка длабока од 40 до 60cm. Два месеци подоцна младенчињата го напуштаат гнездото и се враќаат во вода. Дваесет – триесет години подоцна пораснатите женки ќе се вратат на родната плажа за да ги изведат младенчињата на истото место како нивната мајка. За жал, туризмот е директна закана за опстанокот на овој вид бидејќи бучавата и гужвите им го нарушуваат природниот ритам. Токму поради ова се преземаат соодветни мерки за заштита, па на посетителите им се препорачува да не ги користат плажите во заливот Laganas и Yerakas од зајдисонце до изгрејсонце, да не местат чадори во означените зони, да не оставаат отпадоци, да не осветлуваат дел од плажите во текот на ноќта, да не возат глисери крај заливот Laganas и секако, да не ги допираат гнездата и желките.

Овдешното население главно се занимава со агрокултура, одгледувајќи маслинки, грозје и цитрусно овошје. Голем дел од приходите секако носи и туризмот, кој од година во година сѐ повеќе се развива.Мештаните се гостопримливи и горди на убавините на Закинтос, тие се секогаш расположени да ви помогнат да се снајдете низ островот во потрага по следната атракција.

Додека сте во Закинтос обидете се да прошетате на што повеќе плажи и барем некогаш потрудете се да станете порано за да уживате во морето што е особено мирно во утринските часови. Како и на повеќето места за летување, треба да внимавате бидејќи сонцето може да биде безмилосно меѓу 12 и 16 часот, а попладневните часови како по правило носат освежувачко ветре.

На дел од плажите ќе најдете занимации како скијање на вода, кајакарење, параглајдери и низа други активности. Независното професионално нуркање е строго забрането за да се спречат кражбите на антиквитети најдени во морето, но скоро на секој чекор ќе најдете организирани понуди и курсеви. Закинтос нуди и одлични услови за риболов, а во повеќето села може да изнајмите брод и риболовна опрема.

На најјужниот дел од островот, во селото Sarakinado се наоѓа воден парк на површина од 40.000м². Ова е одлично место за целодневна семејна забава каде покрај водени игри за помладите има и терен за голф, кафуле и tattoo shop.

Богатиот ноќен живот на Закинтос нуди нешто за секое расположение, големите и мали ноќни клубови, баровите на плажа, кафулињата, таверните и рестораните активно работат од мај до октомври и гарантираат незаборавна забава. Ако барате луд и незаборавен помин припаѓате во Laganas, Argasi, Tsilivi и Alykes, а ако сте расположени за помирни, романтични вечерни седенки во кафулињата и рестораните со поглед кон морето одлучете се за Vassilikos и Keri. Во Vassilikos, сепак, не изостануваат ниту гласните барови на плажа каде забавата трае од утро до зајдисонце. Летниот период во Закинтос е време и кога се одржуваат многу театарски претстави, танцови фестивали и концерти, а во локалното кино може да погледнете некој филм од поновата холивудска продукција.



Bookmark and Share