

Отава е еден од најубавите градови на Г - 8 членките. Покрај просперитетната интернационална технологија и бизнис центар, како и туризмот од светска класа, Отава има и богата култура и наследство со своите многубројни национални институции, зелени површини, водни текови и историска архитектура. Овој град е дом на голем број амбасади и е признат центар на академски и професионални подготовки.
Интернационалниот аеродром во Отава се наоѓа на кратка релација од центарот на градот. Повеќе поголеми и помали канадски и американски авиокомпании и чартер летови ја поврзуваат Отава со многубројни канадски и интернационални градови, што го прави патувањето до градот многу лесно без разлика каде се наоѓате. Железничкиот и патниот сообраќај се одлично развиени без разлика од која насока доаѓате.
Откако ќе пристигнете во Отава движењето од едно до друго место е лесно. Јавниот транспорт е едноставен и пријатен за употреба. Тој ги вклучува автобускиот превоз и лесната железница. Такси превозот, туристичките автобуси и речните бротчиња исто така нудат одлични начини за разгледување на градот. Отава е прекрасен град за шетање или возење со велосипед. Поголемиот дел од туристичките атракции се наоѓаат во центарот на градот и растојанието меѓу нив може да се помине и пеш. Велосипедските патеки низ целиот град се добар начин да се почувствува целата убавина на Отава. Ако, пак, одлучите да се движите низ градот со автомобил, паркинг место се наоѓа без тешкотии.
Отава има влажна континентална клима, а температурата може да варира до екстремните 37°Ц, во летните месеци, па се до - 38°Ц, во зимските. Снегот и мразот се доминантни во текот на зимскиот период, додека просечната температура во јануари изнесува -10°Ц. Снежната прекривка најчесто трае од средината на декември, па се до почетокот на април. Летата во Отава се умерено топли и влажни. Просечната температура во јули е 26°Ц.
Временската зона е UTC/GMT – 5 часа.