

Денес Лисабон постојано се модернизира, но покрај современите градби овде ќе уживате во прошетката крај старите реставрирани фасади, музеи и тротоарите од мозаични калдрми (calcada).
Временска зона: ГМТ + 1 час
Валута: Евро
Клима: Лисабон има влажни, ветровити зими, сончева пролет и топло лето. Просечната максимална температура се движи од 14C во јануари до 28C во август.
Транспорт: Аеродромот Portela е лоциран во рамки на градот. Низ Лисабон лесно ќе се снајдете со брзото и ефикасно метро, но и со автобус или такси со кое за цена од 10 до 15 евра ќе стигнете скоро секаде во градот. Може да го искористите и Hop - on Hop - off градскиот автобус за туристи што носи на повеќе од десет туристички атракции и дава објаснување за секоја од нив.
Совет: На вратата од некои од клубовите ќе забележите знак за минимална консумација (consumo minimo) од 150 евра. Најчесто или консумацијата на влез е многу поевтина или воопшто не се плаќа, но знакот е начин да се селектираат гостите бидејќи законот инаку не дозволува враќање гости од јавни локали.
Португалскиот главен град ќе ве воодушеви со реставрираните палати, величествените цркви и импозантната тврдина која навечер го осветлува сето културно богатство на градот. Преку богатиот ноќен живот и големата културно - уметничка понуда овде може да го наслушнете пулсот на вистински главен град или да се одморите затајувајќи се на околните плажи и шетајќи по тесните улички што ќе ве одведат до некоја смирувачка градина.
Плажи: На 15км од Лисабон почнува брегот Есторил каде што покрај излежување на атрактивната песочна плажа, сурфање, нуркање и пловење, занимација може да најдете во едно од најголемите казина во Европа или, пак, да јавате коњи или да отидете на околните тениски и голф терени.
Гастрономија
Лисабон нуди мноштво од вкусови, како од локалните рецепти, така и од интернационалните деликатеси. Основата на повеќето јадења секако е морската храна, а за каков оброк и да станува збор тоа овде се служи во огромни порции. Овде ќе најдете и многу ресторани што ја подготвуваат кујната на поранешните португалски колонии – Африка, Азија и Јужна Америка.
Ноќен живот
Забавата во Лисабон вклучува сѐ: од удобни мали кафулиња, шик клубови, џез музика, барови со живи свирки и гласни дискотеки. Што и да изберете не би требало да пропуштите слушање фадо, носталгична португалска народна музика. Оваа музика не може често да се слушне надвор од овој град, а во неа може да ужива и оној што не разбира ниту еден португалски збор.