

Њујорк е еден од светските глобални градови. Тој е дом на бројни музеи, галерии, интернационални корпорации, а исто така е и важен пазарен центар. Њујорк е град кој е изненадувачки флексибилен, неверојатно отворен, но сепак загадочно комплексен. Тој има толку многу страни и толку многу понуди што дури може да биде застрашувачки и за оние со широко отворени погледи на светот и животот. Но, ако му пристапите со комбинација од организираност и отвореност, ќе се сретнете со голем број вчудоневидувачки и неочекувани доживувања.
Како важен учесник во меѓународниот авиопревоз во Њујорк има три големи аеродроми. Најпознатиот од нив е Џон Ф. Кенеди (или ЏФК). Овој најпосетен аеродром се наоѓа на 15 милји од центарот на југоисточниот дел на Квинс, има осум терминали, опслужува 43 милиони патници годишно и е домаќин на авионски компании од секој агол на светот. Други аеродроми во околината на Њујорк се аеродромот Ла Гуардиа и Њуарк либерти интернационалниот аеродром.
Повикувањето и возењето во такси е обичај во патничкиот превоз во Њујорк - особено кога возачот е како невротичен демон на тркала. Сепак, повеќето такси возила во Њујорк се чисти, и споредено со останатите светски метрополи, прилично евтини. Почетната цена е 2.5 долари. Њујоршките автобуси, пак, возат 24 часа на ден и поминуваат низ целиот град. Автобуските станици се наоѓаат на неколку блокови и имаат мапи на градот со возниот ред на автобусите. Сепак, најевтино решение за движење низ градот е подземната њујоршка железница која има систем од 656 милји. За само 2 долари можете да се возите во текот на 24 часа до било која локација.
Њујорк се наоѓа во североисточниот дел на САД и има голема разновидност во временските услови и температурите. Иако повеќето луѓе преферираат да го посетат овој град во текот на потоплите месеци, со малку повеќе облека во вашиот куфер, можете да си поминете прекрасно во било кое време од годината. И покрај необичноста на временските услови кои ги носи глобалното затоплување, сепак постои основна рамка на која можете да се потпрете. Пролетта во Њујорк е прекрасна - дрвјата кои цветаат се бојат во прекрасните бои на црвената и розовата, па дури и дождливите денови даваат привлечно, прочистувачко чувство. Просечната температура во овие денови е околу 16°Ц. Летата можат да бидат прилично топли, кога температурите во Јули и Август се искачуваат и до 38°Ц, но вообичаено таа се движи од 22 - 29°Ц. Зимите, се разбира, се ладни. Може да биде сиво со денови, со снежна лапавица која лесно може да се претвори во каллива покривка на вашите чевли и температурата да падне на неколку степени под нулата. Но, голема снежна виулица може да инспирира убава зимска ноќ помината во романтична атмосфера. Њујорк свети во сите сезони. Пролетта и есента, со нивните пријатни температури и прекрасни пејзажи, се оптимални за патување. Летата носат високи температури и топли денови па затоа можат да се посетат многубројни концерти и претстави на отворено. На крајот, зимите можат да бидат студени, но снежната бура е нешто што не треба да пропушти.
Временската зона е UTC/GMT - 5 часа.