
Опкружено со бедуини, шатори, планини и море, срцето на Шарм ел - Шеик го сочинуваат интимни хотелчиња со современ дизајн, големи луксузни хотелски комплекси, казина, дискотеки, ноќни клубови и спортски терени. Шарм ел - Шеик е одлично место за лежерен одмор, но може да биде и дестинација полна со акција – нуркање, сурфање, јавање коњи и камили, пустинско сафари и низа други активности што не дозволуваат да ви биде здодевно ниту еден миг.
Временска зона: GMT+2 часа (GMT+3 часа од последниот петок во април до последниот четврток во септември)
Валута: Египетска фунта (EGP) = 7.57521 денари (1 EUR = 8.04278 EGP) Интересно е што секоја банкнота во Египет е напишана на два јазика, арапски и англиски, а што е помала вредноста на банкнотата, толку е таа помала и по големина.
Клима: Накусо кажано – жешка и сува. Овде има само две годишни времиња, жешка зима со ладни ноќи и навистина жешко лето. Од ноември до март температурата се движи меѓу 15 и 35°C, а летниот период од април до октомври од 20 до 45°C, додека пак температурата на водата се движи меѓу 21 и 28°C во текот на целата година. Врнежите секако се реткост, но благодарение на близината на морето, Шарм ел - Шеик има поподнослива клима од останатиот дел од Египет. Навечер температурата опаѓа за десетина степени, па ноќите од април до октомври имаат температура од 20 - 30°C. Просечната температура во Шарм ел - Шеик се движи од 18°C во јануари до 33°C во јули и август.
Совет: Поради екстремно ниското ниво на влажност во воздухот и високите температури во текот на целата година, овде едноставно мора да имате климатизер во соба. Задолжително прашајте дали вашето сместување вклучува клима и додека сте таму испланирајте го денот така што не би минувале премногу време директно изложени на сонце. Препорачуваме чести и куси освежувања во вода, нуркање, пловење со брод и уживање под сенка. Кога шетате задолжително користете млеко за сончање, носете шапка и понесете си вода за да го избегнете ризикот од дехидратација.
Шарм ел - Шеик се наоѓа на јужниот крај од Синајскиот Полуостров во Египет, на крајбрежното парче меѓу Црвеното Море и планината Синај. Ова место е познато и како Град на мирот, бидејќи беше град - домаќин на огромен број интернационални мировни конференции. Овој космополитски град умее да направи да се чувствувате добредојдени, да го исполни вашето време со најразлични активности и да ве маѓепса, за пред заминување да ветите дека ќе се вратите на барем уште еден незаборавен одмор. А и зошто не би се вратиле на местото каде пустината се претвора во бескрајна плажа што води кон вечно топлото море чии бои како да се прелеваат само за ваше задоволство.