Аранжмани  
 

Најнови понуди

Лорет де Мар - Ведро и разиграно крајбрежје

Канкун

Една од најважните туристички дестинации во Шпанија е медитеранскиот крајбрежен град во Каталонија, Lloret de Mar. Овој модерен и динамичен град сместен на јужниот дел од Коста Брава се издвојува по можностите што ги нуди неговата локација – на 100 km од Франција и 75 km од Барселона, со шармантен брег со плажи и заливи, богато културно наследство, мали селца, средновековни замоци, цркви и градини.

Временска зона: ГМТ + 1 час

Валута: Евро. Пари може да менувате во менувачници и во банки, но запомнете дека банките работат од понеделник до петок од 8:30 до 14 часот.

Клима: Летата се сончеви и топли, но не истоштуваат. Просечната температура се движи од 8оC во зима до 23оC во лето, при што летните просечни максимални температури достигнуваат и 32оC, додека просечната максимална температура на водата од мај до октомври се движи од 20oC до 23оC.

Транспорт: Благодарение на одличната местоположба, Лорет де Мар има одлични воздушни, копнени и водни врски со остатокот од светот. Најблиските аеродроми со во Барселона (75km) и Џирона (30 km).
Низ градот може да патувате со автобус, такси (ќе ве чини најмалку 5 евра), кабриолет мини автобуси (за цена од 5 евра) или да изнајмите автомобил, мотор или велосипед.

Совет: Овде се работи во двократно работно време. Објектите се отвораат меѓу 8 и 10 часот наутро, а затвораат во 13 или 13:30 часот, за повторно да отворат во 16 и да затворат меѓу 19:30 и 20:30 часот. Иако бутиците вообичаено работат од понеделник до сабота, во летниот период некои отвораат и во недела, а туристите поттикнуваат и продолжување на работното време, најдоцна до 22 часот. Кафулињата и пабовите работат до 3 наутро, а дискотеките до 5 часот.

Со историја што датира од III век п.н.е Лорет де Мар важи за вистински космополитски град, кој пречекувајќи илјадници туристи секоја година, успева да го задржи и својот традиционален идентитет. Регионот полн со културно историски споменици и бујна природа е одлична основа за културен и спортски туризам. Но, благодарение на секогаш интересниот ноќен живот градот привлекува пред сѐ млади туристи желни за целовечерна забава. Доколку сакате помирен одмор изберете сместување подалеку од клубовите или отпатувајте надвор од главната сезона.

Плажи
Веројатно не постои човек кој би можел да им одолее на бистрата провидна вода и златните песочни плажи на Лорет де Мар. Главната плажа долга 1630 метри секоја година е наградувана со Сино Знаме, што значи дека е исклучително чиста, безбедна и ги задоволува еколошките стандарди. Всушност, вакви карактеристики имаат сите пет главни плажи на брегот долг 7 km. Освен што е совршено место за да излежување на плажа, Лорет е идеална дестинација и за оние кои сакаат поактивен одмор, па може да бираат меѓу:

Нуркање
Проѕирната вода овозможува совршен преглед на импресивната морска флора и фауна. Нуркачките зони во Лорет де Мар се групирани од лесно пристапните како Фито, па сѐ до местата што претставуваат огромен предизвик и за искусните нуркачи, како Мулера.

Пловење Благата клима и поволните ветрови се одлични услови за освојување на тиркизното пространство.

Кајакарење
Најдобра опција за вљубениците во природата кои сакаат да ги истражуваат тешко достапните заливи и протоци во околината.

Скијање на вода
Уживајте во возбудливото скијање на вода секогаш кога ќе посакате да си го кренете адреналинот.

Крстарење
Дневните крстарења вклучуваат застанување на некои од најубавите заливи каде имате неколку часа за нуркање, пливање и разни игри што гарантираат забава во вода. По ручекот бродот ве остава на истата плажа од која сте тргнале. Ноќните крстарења пак, може да бидат голема журка со DJ за околу 150 луѓе или уживање во зајдисонцето за мали интимни групи на пријатели.

Аква парк
До една од најинтересните атракции се стигнува со бесплатен автобус кој од центарот на градот ве носи до Water World каде за влезница од 25 евра може да се забавувате од 10 до 18 часот (или 21 евра за период од 14 до 18 часот).

Маунтбајкинг
Маунтбајкерите ги обожуваат планините околу Лорет де Мар. Уживајте тестирајќи ги своите вештини во освојување на различните патеки и патчиња во околината.

Пешачење
Раскошната природа на Лорет де Мар едноставно повикува на прошетка. Може да избрете било која од пешачките патеки на брегот или низ шумата што го опкружува градот, па следејќи ги патоказите и објаснувањата подобро да се запознаете со овој регион.

Во Лорет де Мар ќе пронајдете и терени за голф и тенис, како и можност за јавање коњи низ шумите. Ако овие активности не ве привлекуваат, секогаш може да играте одбојка на плажа.

Прошетки
Искористете го престојот во Лорет де Мар за да видите што поголем дел од Шпанија. Локалните агенции организираат еднодневни прошетки до Џерона, Барселона, планинскиот манастир Sant Pere de Rodes, како и до Teatre - Museu Dalí (Музејот на Дали).

Ноќен живот
Вечерите и ноќите во Лорет де Мар може да ги поминете во амбиент по ваш вкус затоа што изборот е навистина голем – од традиционални таверни до современо уредени кафулиња, дискотеки, клубови, британски и германски пабови, домашни и интернационални ресторани... Диско клубовите на отворено создаваат единствен спој на егзотично опкружување, ласерско шоу и незапирлива забава на подиум.
Добрата клима овозможува и одржување концерти на отворено во текот на целата година, од кои секако најголем број се во летните месеци.
Во сабота навечер, пред да одите во диско, појдете до Placa de la Vila за да видите како локалното население го игра танцот наречен Сардана, што им бил забрануван за време на режимот на Франко. Традиционалниот танц е заштитен знак на Каталонија,  а во танцувањето може да се придружи секој, без разлика колку добро игра.

Гастрономија
Веројатно не треба ни да се нагласува дека мора да пробате сангрија. А во околината на градот ќе најдете и прекрасни винарии каде се организира дегустација на вино, што не би требало да се пропушти доколку сте било каде во Шпанија. Покрај извонредните ресторани за медитеранска и каталонска кујна, во Лорет де Мар има и низа арапски, германски, аргентински, кинески и индиски ресторани каде може да се проба секој вкус од интернационалната понуда. Ексклузивните ресторани и хотели имаат иновативни готвачи кои локалните вкусови ги комбинираат со светски познати специјалитети создавајќи несекојдневно примамливи оброци. Лорет де Мар е одлична одредница за гурманите кои би требало да посетат барем едно од двете главни гастрономски случувања
Cuina de l`art
Поради долгата историја на ловење риба во овој регион, локалните специјалитети најчесто се прават со риба и морски плодови, а овој фестивал наречен по традиционалниот начин на риболов се одржува во октомври и го нуди токму тоа – огромна понуда од најразновидни специјалитети од морска храна.

Фестивалот на оризот
Во април се одржува гастрономскиот фестивал на оризот во соработка со 33 ресторани и хотели од градот. Овој период сите тие нудат разновидни деликатеси со ориз.



Bookmark and Share