

Бодрум може да биде идеална дестинација за семејствата кои сакаат да се одморат на плажа, за младите кои се надеваат на незаборавни целовечерни журки, за паровите кои ќе се држат за рака на крстарењата по тиркизното море, за пребирливите кои инсистираат на хотел со 5 ѕвезди, за авантуристите, за љубопитните...
Временска зона: ГМТ + 2 часа
Валута: 1 турска лира = 29.13174 денари (1 EUR = 2.15755 TRY)
Клима: За Бодрум нема зима! Најдобро објаснување за овдешната клима е фактот дека турскиот збор за есен, „Sonbahar “ значи „втора пролет“. Со неверојатно блага зима и над 300 сончеви денови годишно, жешкото лето без дождови во Бодрум всушност трае од мај до октомври. Просечната температура се движи од 15°C во јануари и февруари до 34°C во јули и август.
Транспорт: Аеродромот се наоѓа 36км северо - западно од Бодрум.
Низ Бордум може да патувате со автобус или со комбиња и минибуси („долмус“ на турски) кои имаат редовни линии и евтини карти. Ако користите такси запомнете дека по полноќ цените двојно се зголемуваат.
Совет:
1. Водата не се пие, па купувајте флаширана. Мразот во кафулињата и рестораните се прави од вода од чешма, па изборот е ваш.
2. Во јули и август Бодрум е преполн со туристи од целиот свет, па ако сакате помирен одмор изберете сместување оддалечено од гласните дискотеки.
3. Со оглед на високите температури не смеете да отпатувате без млеко за сончање со највисок заштитен фактор, очила за сонце, капа и светла, лесна облека што ќе ја покрива кожата на целото тело.
Белите куќи со градини украсени со разнобојни бугенвилии сместени на тесни улички кои водат до морето му даваат неодолив шарм на пристанишниот град кој Хомер го опишал како „Земја на вечното синило“. Благодарение на пријателски расположените мештани, симпатичната архитектура, раскошниот ноќен живот и многуте културно - историски локалитети, и покрај силната конкуренција, ова гратче се наметна како едно од најпримамливите летни дестинации во Турција.